Опис на програма
Програмата ВИНСКИ СОВЕТНИК е наменета за сите учесници во различните сегменти на винскиот сектор во Република Македонија. Програмата е наменета за оспособување на професионалци кои ќе се стекнат со познавања од сите области на винарството, почнувајќи од витикултурата и тероарот, преку процесот на производство, маркетингот, винските комуникации и ХОРЕКА секторот вклучувајки го и винскиот туризам. Вака конципираната програма е прва во државата која ги обединува сите области во винскиот сектор како една од најважните земјоделско-стопански гранки ориентирани кон извоз. Програмата се базира на искуствата на водечките вински земји како што се Франција и Шпанија и има за цел подигање на винската култура како основен предуслов за остварување на потенцијалите за поголемо производство на квалитетно вино, подобар пласман и извоз на македонското вино, а со тоа и директно влијание на подобрување на конкурентноста на македонската економија.
Во реализацијата на обуката се вклучени релевантни локални експерти во улога на обучувачи за спроведување на теоретскиот и практичниот дел од обуката, со помош на корисни алатки и материјали и со примена на методологијата и наставните техники за образованието на возрасни.
Обуката на учесниците се изведува преку три главни тематски целини. Првата се однесува на работата во лозовите насади, односно примена на агротехнички мерки, концептот на Terroir и контрола на квалитетот на грозјето и неговото влијание врз квалитетот на виното. Втората тематска целина го опфаќа производството на вино и работата во винарија, вклучително и технологијата на зреење на виното, можни недостатоци и постапки за нивно подобрување, чување и полнење во шишеиња. Третата целина, која воедно е и најголема по број на часови, ги опфаќа презентацијата, комуникацијата и маркетингот на виното. Преку оваа целина, учесниците се здобиваат со вештини на презентирање, правилно служење, вински протоколи, оценување, опишување на виното со соодветна терминологија и неговото спарување со храна и се стекнуват со познавање на домашниот и светскиот вински пазар преку запознавање со најважните светски вински региони како и информации за употреба на социјалните мрежи во винскиот свет. Целокупната обука се реализира преку теоретски дел каде се стекнуваат знаења и практичен дел каде учесниците стекнуваат вештини. Во делот на практичната настава се изведува и студиско патување во некој од винските региони со посета на лозови насади, винарии и угостителски објекти.
Имплементацијата на програмата се одвива по пат на активна интеракција помеѓу обучувачите и учеснците кои работат во група која има максимум 15 учесници, водена од страна на домашни, а по потреба и странски експерти. Обврска на носителот на обуката е да понуди и да обезбеди соодветни простории за обука со сите потребни материјали, алатки и опрема за спроведување на програмските активности. За теоретскиот дел од обуката треба да се обезбедат соодветно опремени училници, а за делот на практичните вежби се користат лозови насади, производни простории, опрема и алатки на преработувачки капацитети т.е винарска визба, специјално опремени сали за дегустација и/или ресторантски дел.
Резултати од програма
- Познава агротехнички и ампелотехнички мерки кои се применуваат за одржување на лозовите насади.
- Избира сорти прилагодливи на почвата и климатските услови.
- Проверува квалитет на грозјето за проиводство на квалитетно вино.
- Објаснува технологиии на производство на бело, розе, црвено и пенливо вино во целост.
- Познава постапка на зреење на виното во дабови бочви, употреба на дабова алтернатива.
- Познава технологија на полнење и затворање на виното во шише.
- Обезбедува оптимални услови за складирање и чување вино според видот и стилот.
- Врши оценување на вината преку користење на прифатените сензорни евалуациони техники.
- Опишува органолептички карактеристики на виното.
- Врши презентација на карактеристиките и квалитетот на виното пред медиуми или клиенти.
- Нуди помош и информации на клиентите во правец на избор и достапност на вина.
- Дискутира со клиентите околу видови на вино, стилови, региони, лозарството и методи на производство, земајќи го предвид нивото на знаење за вино на купувачите.
- Служи вино на соодветна температура според типот и стилот на виното согласно изборот на клиентите.
Критериуми за влез во програмата
Времетраење на програмата
Времетраење на програма | Вкупен број на часови | Изразено во проценти |
---|---|---|
Теорија | 42 | 28 |
Пракса | 100 | 66 |
Оценување | 10 | 6 |
Вкупен број на часови | 152 |